Wednesday, March 11, 2009


Во богатото уметничко наследство на Македонија, покрај иконопиството и монументалното ѕидно сликарство, резбата зазема посебно место како значајна уметничка гранка со вековна традиција. За жал, поради трошноста и лесната запаливост на дрвото, предметите од овој материјал биле низ вековите повеќе подложени на пропаѓање и уништување, така што немаме зачувани поголем број постари средновековни творби во резба. Но, тие кои опстанале до нашите дни сведочат за нејзиното достојно уметничко ниво.
Најстари зачувани творби во резба кај нас потекнуваат од XIV век. Како и другите средновековни ликовни уметности, така и резбата во Македонија се развила под византиски влијанија. Средновековната резба имала сличност со декоративната пластика во камен од тоа време и се развила паралелно со неа. Орнаментите, мешавина на геометриски, зооморфни и флорални мотиви се аналогни со тие од барелјефите во мермер од тоа време. Од XIV век наваму, релјефната скулптура во камен опаѓа и неа ја заменува резбата во дрво.
Ранохристијанските камени олтарски прегради подоцна ги заменуваат во средновековните цркви иконостаси од дрво. Најстар иконостас од дрво во Македонија се наоѓа во црквата Мали Свети Врачи во Охрид, од кој се зачувани првобитните пет тордирани столбови. Рудименталната обработка на стеблото за овие столбови, асиментричноста на нивната декорација, орнаменталните мотиви - укажуваат на ранодатирање на овој иконостас (XIV век).
Средишниот преод од иконостасите кон олтарот бил првобитно покриен со завеси "Катапетазма," а потоа се затвора со царски двери, кои од XIV век наваму стануваат составен дел на иконостасот. На царските двери редовно се наоѓа композицијата на благовестение, кое порано било изведено во резба, а подоцна сликано.

No comments:

Post a Comment