Friday, March 6, 2009

Царот со бавчанџијата
Еден цар си имал една бавча со секакви цвеќиња и овошки. Помеѓу сите дрвја имал и едно јаболкниче што беше го донесол царот од далечно место. И тоа јаболкниче му раѓало по едно убао јаболко ката утро, и сам царот одел та го кинал со раката своја.
Едно утро пред да дојдит царот да го скинит, пошло едно врапче и го исколвало со клунчето и го расипало. Го видел бавчанџијата, ама немал што да му сторит, откога беше го изело јаболкото.
Дошол царо да го скини јаболкото и го нашол исколвано. Му кажал бавчанџијата оти дошло едно врапче и го исколвало јаболкото.
Царот му рекол на бавчанџијата оти и пилето ќе си ја најдит бељата.
Другото утро пак дошло врапчето да го јадит јаболкото и веднаш една змија го клукнала врапчето и си пцовисало. И тоа го видел бавчанџијата и коа дојде царот да го кинит јаболкото, му кажал за сето што беше се сторило.
Пак царот му рекол:
- Змијата ќе си ја најдит бељата.
Другиот ден бавчанџијата како што копал на едно место со мотиката, ја пресекол змијата на две парчиња и утрото кога дошол царот да скинит јаболкото му кажал на царот оти ја отепал змијата со мотиката.
- И ти бељата ќе си ја најдиш - му рекол царот на бавчнџијата.
По неколку дни царицата пошла в бавча за да се капи во шадрванот со неколку алајки, ама на бавчанџијата беше му се кажало за да не седи в бавча дури да се искапит царицата.
Што ќе го дупнит бавчанџијата греот тогај? Ти се скрил во некој тревје спроти шадрванот за да ја види царицата кога ќе се капит.
Ватила царицата да се слечуат и, за пакос, една од алајките беше видела чоечки очи во тревјето.
- Честита царице - и рекла алајката - како очи чоечки онде во тревјето видов.
- Ја појди, мори, види - и рекла на алајката царицата - што ќе бидит?
Отрчала алајката и што ќе види: бавчанџијата, скриен во тревата. И кажала алајката на царицата оти бавчанџијата бил скриен и царицата пошла кај царо, та се оплакал за него оти да се крие и да е виде мршата.
Кога чул царот тие зборои, прати луѓе и со ќотек го донесле пред него.
- А бре бавчанџи, што е овој страм ти што ми донесе на царицата и мене? А, бре, бесрамнику, да би лебо мој да ти ватит очите и да би лебо мој ти влезе во забите! Не ти беше грев, на честа што ти а праам, не мислеше оти можат да те видат и после глаата ќе ти се земит?
Дал вик царот:
- Џелат, за овој бесрамник, нека му пресечит глаата!
- Аман, честити царе - му рекол бавчанџијата - прости ме, оти ѓаол, натемаго, ме излага како човек, после и јас се сторив пишман.
- Џелат! - царот пак свикал за да му сечит глаата, чунки царскио збор назад не се враќат.
- Арно, честити царе, ќе ме погубиш, туку треба да знаиш оти вие се што рековте, се за вистина излезе: рече за врапчето, и за змијата и за мене, оти ќе си ја најдиме бељата и за вистина си ја најдовме. Да мисли сега, честити царе, да не нешто и ти си ја најдиш бељата.
Коа чу царо тој збор од бавчанџијата, се смили да не си ја најдит бељата и го простил

No comments:

Post a Comment