Friday, March 6, 2009

Итар Пејо


Итар Пејо е еден од најпознатите ликови во македонски народни приказни, кој е многу омилен меѓу младите читатели. Итар Пејо, некаде познат и како Итроман Пејо или Итар Пејо - Мариоец е обичен сиромашен македонски селанец од Мариово кој се одликува со извонредна итрина, мудрост и снаодливост. Во приказните за него тој секогаш на итар начин им се оддолжува на тие што сакаат да му наштетат (обично турските големци), а неговите постапки често изнудуваат смеа и почит кај читателите. Најчест соперник во приказните на Итар Пејо е Насрдин Оџа, а Итар Пејо често ги насамарува и лакомите селски попови. За него има преку триесетина приказни кои во збирката “Итар Пејо“ најпрвин ги има собрано писатело Стале Попов (познат хроничар и раскажувач на Маријово). Последниве години на неколку пати повторно се издаваа дополнети збирки со приказните за Итар Пејо, а дел од приказните за него се преведени и на неколку странски јазици. Дел од приказните и доживувањата на Итар Пејо се и екранизирани (снимени). Според некои кажувања, личноста Итар Пејо навистина постоела и била од мариовското село Градешница.
Итар Пејо, попот и алвата
Итар Пејо бил измеќар кај некој поп. Тој секој ден правел алва, но еден ден направил толку многу што половина од алвата останала. Попот отишол да ги врши секојдневните обврски, но за да не ја изеде алвата Итар Пејо заканувачки му рекол:
-Во алвата ставив отров, немој да јадеш!
Итар Пејо знаел дека тоа е лага, дека нема отров во алвата и мислел како да ја изеде, а да не го кара попот. Мислел, мислел и се сетил. Ја зел секирата и ја скршил дршката, потоа ја зел алвата и ја изел. Кога дошол попот и видел дека ја нема алвата налутено го прашал:
-Каде е алвата?
Итар Пејо на тоа итро одговорил:
-Ја скршив дршката од секирата и сакав да се отруам со алвата за да не ме караш!

No comments:

Post a Comment